06 март 2026
• од Гоце Кически
Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека зголемувањето на минималната плата на 600 евра е реална и неопходна мерка за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Според него, работниците во земјата се соочуваат со сериозни економски притисоци и потребна е вистинска поддршка од државата.
Филипче нагласи дека со сегашното ниво на минималната плата граѓаните тешко успеваат да ги покријат основните животни трошоци.
„Луѓето не може да преживеат, имаат реални потреби и не можат крај со крај да врзат. А што им вика премиерот — јадете помалку или не одете на одмор. Дали тоа е одговорна власт, дали тоа е тоа што луѓето сакаат да го видат? Се предвидува и нова криза со случувањата во Иран, што ќе доведе до раст на цените на храната. Што ќе прави Христијан сега — ќе каже не 1.600 денари, туку 1.800 денари? Сега минималната плата е 400 евра, а ни три такви плати не се доволни да се преживее месецот“, рече Филипче.
Тој обвини дека Владата постојано бара изговори за да не ја зголеми минималната плата на 600 евра.
„Излегува премиерот и им кажува на работниците дека човекот кој ја правел синдикалната кошничка рекол дека одморот е дел, па не е дел и слично. Се бараат изговори за да не се направи нешто или за да не им се помогне на граѓаните. За власта секогаш е избрано првото сценарио — само изговори за да не им се излезе во пресрет на граѓаните“, истакна Филипче.
Во интервјуто тој потенцираше дека СДСМ и како власт и како опозиција континуирано предлага решенија за зголемување на минималната плата, но дека актуелната власт не ги прифаќа тие предлози.
„Дадовме предлог минималната плата да се зголеми на 600 евра. Нека ја зголемат за 10.000 денари, нека ја зголемат за 8.000 или 6.000 денари, но не за 1.600 денари. Тоа не им е доволно на луѓето. Затоа тие веќе протестираат и нормално е дека ќе ги поддржиме“, изјави Филипче.
Филипче додаде дека политиките на СДСМ за поддршка на работниците се конзистентни, за разлика од, како што рече, лицемерниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ.
„Минималната плата и пристапот кон работниците е најдобриот пример за конзистентноста на нашите политики и лицемерните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Кога тие беа во опозиција, ги поддржуваа иницијативите за раст на минималната плата во период кога таа континуирано растеше. Да потсетам, во првите години од власта на СДСМ — 2017 и 2018 година, до периодот пред ковид кризата — минималната плата се зголеми за 60 проценти, за потоа да порасне повеќе од двојно. Сега има две години од мандатот на оваа власт и минималната плата не е поместена. А токму сега кога се на власт и можат да им излезат во пресрет на граѓаните, тие тоа не го прават“, нагласи Филипче.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

