06 март 2026
• од Тодор Вангелов
Азербејџан соопшти дека спречила серија планирани терористички напади кои, според властите, биле организирани од иранската разузнавачка структура СЕПАХ. Меѓу целите на заговорот биле нафтоводот Баку–Тбилиси–Џејхан, израелската амбасада во Азербејџан, лидер на религиозната заедница на Планинските Евреи и ашкеназиската синагога во Баку.
Азербејџан наведе дека „серијата планирани терористички и разузнавачки операции биле координирани од иранската разузнавачка служба СЕПАХ, која ангажирала локални оперативци за набљудување на целите, набавка на оружје и обезбедување транспорт“.
Според властите, експлозивните направи биле прошверцувани во земјата од ирански државјани во координација со азербејџански соучесници. Во контејнер во близина на населбата Шихов, во сабаилскиот реон на Баку, биле пронајдени повеќе од 7,7 килограми експлозив Ц-4. Дополнителни експлозивни уреди биле откриени во реонот Гарадаг, вклучително и бомба со далечинско активирање која можела да предизвика штета во радиус од 250 до 300 метри.
По спроведените превентивни операции, азербејџанските власти привеле повеќе лица. Четворица од осомничените биле осудени на шест години и шест месеци затвор за учество во терористичкиот заговор, додека други се наоѓаат во притвор под сомнение за подготовка на атентат или за нелегално поседување експлозив и огнено оружје.
Како еден од клучните организатори е идентификуван офицер на СЕПАХ, полковник Али Асгар Бордбар Шерами. Неколку ирански државјани поврзани со заговорот се ставени на меѓународна потерница.
Соопштението на Баку доаѓа еден ден по напад со беспилотно летало врз азербејџанската енклава Нахичеван, за кој властите ја обвинија Иран. Во нападот биле повредени четворица цивили, а оштетени биле и меѓународниот аеродром во Нахичеван и едно рурално училиште.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој претседаваше со седница на Советот за безбедност по нападот, го обвини Техеран дека извршил „акт на терор“ и порача дека секој напад врз Азербејџан „ќе се соочи со нашата Железна тупаница“.
Во меѓувреме, Катар и Обединетите Арапски Емирати во изминатите денови соопштија дека разоткриле наводни ќелии на оперативци поврзани со Иранската револуционерна гарда, кои подготвувале напади на нивните територии.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

