04 септември 2026
• од Гоце Кически
Министерството за внатрешни работи и адвокатот на Ива Михаилова, Насер Рауфи, немаат информации дека таа синоќа се обидела да избега од државата.
Од МВР соопштиле дека не бил регистриран таков случај, откако на социјалните мрежи се проширија шпекулации дека Михаилова се обидела да ја напушти земјата преку граничниот премин Делчево.
„Во врска со вашето прашање, ве известуваме дека не е регистриран таков случај“, велат од МВР.
Информациите дека Михаилова се обидела да избега ги демантира и нејзиниот адвокат Насер Рауфи. Тој, сепак, потврди дека по објавите што се проширија, полициски службеници дошле во нејзиниот дом и проверувале дали таа се наоѓа таму.
„Нејзините мерки на претпазливост се одземање на патната исправа, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува во судот. Значи, во никој случај МВР нема право да проверува дали таа се наоѓа во својот дом. Шпекулацијата дека избегала, според мене, претставува ширење лажни вести“, изјави Рауфи.
Бранот непотврдени информации за местото на престој на Михаилова се ширеше на социјалните мрежи, а меѓу профилите што ги засилија ваквите тврдења беа оние на Јован Кукузел и Зоран Божиновски, познат како Буревесник.
Според информациите на семејството и одбраната, полициските службеници влегле во домот на Михаилова без да покажат судска наредба или друг официјален документ со кој би им било дозволено влегување во домот. Како што им било кажано, полицајците биле испратени по налог на обвинителот Игорчо Крстов, но не приложиле писмен налог или образложение за проверката.
Полициските службеници навеле дека дошле за да ѝ достават документ издаден пред околу три месеци, со кој на Михаилова ѝ се дозволува да оди на медицински преглед. Според одбраната, тие не покажале документ што ја потврдува причината за нивното испраќање, ниту акт што би им дал право да влезат во нејзиниот дом.
Одбраната го оценува ваквото постапување како незаконско и бара надлежните институции да објаснат врз која правна основа била извршена проверката, кој ја наредил и зошто за неа не бил приложен официјален документ.
Според засега непотврдени информации, адвокатот на Михаилова подготвува повеќе правни постапки против лицата за кои се смета дека се поврзани со ширењето на невистинитите информации и со настаните што следувале. Се разгледува и поведување постапка против Министерството за внатрешни работи поради наводното незаконско влегување во домот на Михаилова.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

