04 септември 2026
• од Темелко Тошев
Скопје продолжува да го губи својот јавен простор, а граѓаните уште еднаш се немоќни сведоци на распродажба на државното земјиште за ситни пари. Најновата вест дека компанијата „Адора“ купила 23.000 квадратни метри атрактивно државно земјиште покрај кејот на Вардар, веднаш до спортската сала „Јане Сандански“, треба да го вклучи алармот кај секој жител на Општина Аеродром, но и на целиот град.
Она што најмногу боде очи во оваа трансакција е цената. Парцела на една од најатрактивните локации во Скопје е продадена за околу 46 евра за квадратен метар. Во време кога граѓаните плаќаат астрономски суми од над 1.500 до 2.000 евра за квадрат станбен простор во истата таа општина, приватните инвеститори добиваат државно земјиште по цена која наликува на распродажба. Дали 1 милион евра во општинската и државната каса се доволна компензација за трајно губење на 23.000 квадрати простор покрај реката?
Оправдувањето дека земјиштето е наменето за „спортски и рекреативни содржини“ е само параван зад кој се крие вистинскиот профит. Имено, дури 40 проценти од површината за градба е наменета за комерцијални објекти, хотели и објекти за собири, со дозволена висина од 16 метри (приземје и три ката). Ова значи дека кејот на Вардар нема да добие нов отворен парк за граѓаните, туку нови огромни зданија, хотели и комерцијални комплекси кои ќе го блокираат протокот на воздух и ќе го узурпираат крајбрежјето.
Аргументот на Општина Аеродром дека парцелата се продава за да се стави во функција и да се обезбедат приходи од продажбата и комуналиите е класичен пример за кратковидна политика. Општините не смеат да се однесуваат како агенции за недвижности чија единствена цел е брз профит преку бетонизација на последните слободни површини.
Наместо кејот на Вардар да остане зелена оаза, вистинско место за спорт на отворено, рекреација и одмор на граѓаните кои веќе се гушат во урбаниот хаос на Аеродром и Ново Лисиче, тој се претвора во нова градежна парцела. Продажбата на овој простор за нецели 50 евра по квадрат не е развој, туку капитулација на јавниот интерес пред интересите на крупниот капитал.
Скопје веќе ја плаќа превисоката цена на непланската урбанизација. Со ваквите потези, прашање на време е кога од кејот на Вардар ќе остане само тесна бетонска патека, опколена со приватни хотели и комерцијални објекти во кои обичниот граѓанин ќе биде само несакан гостин.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

