21 јули 2026
• од Темелко Тошев
Демократската унија за интеграција (ДУИ) го обвини Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) за молк во врска со именувањето на заменик-директорот на институцијата, кое партијата го оценува како незаконско. ДУИ бара итна интервенција од домашните и меѓународните институции за истражување на случајот.
Во јавната реакција, ДУИ посочува дека се поминати седум дена од именувањето на заменик-директорот, а Програмскиот совет сè уште нема дадено никакво објаснување за оваа одлука.
„Поминаа седум дена од незаконското именување на заменик-директорот на МРТ и веќе седум дена по ред продолжува молкот на Програмскиот совет. Нема никакво објаснување, ниту одговор, ниту пак обид да се оправда одлуката која е во спротивност со законот и со елементарните стандарди за управување со јавна институција“, се вели во партиското соопштение.
Од партијата тврдат дека именуваното лице не ги исполнува законските услови за вршење на функцијата. Според ДУИ, работното искуство кое му е признаено е остварено пред завршувањето на високото образование, додека јавната документација покажува дека тој го положил последниот испит во 2024 година. Тие додаваат дека Програмскиот совет ги игнорирал законите и наметнал незаконско именување, и покрај тоа што, според нив, лицето нема соодветни академски резултати за водење на најважниот медиум во државата.
Покрај прашањето за законитоста, опозициската партија изразува загриженост и за етничката застапеност во раководните структури на јавниот сервис. Од ДУИ нагласуваат дека, за првпат по 2007 година, МРТ нема ниту еден директор Албанец.
„За речиси две децении, една од позициите (директор на Телевизијата или директор на Радиото) беше резервирана за албански кадри, како дел од етничкиот баланс во одлучувањето и мултиетничкиот карактер на институцијата. Денес, двете раководни позиции ги држат македонски кадри“, потенцираат од ДУИ.
Партијата додава дека Албанци нема ниту во кабинетот на генералниот директор, каде што од четири советнички места не е именуван ниту еден претставник од албанската заедница.
Според ДУИ, случувањата во МРТ не се изолиран случај, туку „јасен модел на системско исклучување и политичко заробување на јавниот сервис“.
Во таа насока, партијата упати јавен повик до Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) да реагира и да го заштити професионализмот и независноста на јавниот сервис, како и до Канцеларијата на Европската Унија во Скопје да го мониторира случајот, бидејќи „политичкото заробување на јавните медиуми е во спротивност со европските стандарди“.
Истовремено, ДУИ бара Јавното обвинителство да отвори постапка за проверка на законитоста на именувањето, а Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да истражи дали се прекршени законските одредби и дали е фаворизиран кандидат кој не ги исполнувал условите.
„Никој не може да биде над законот и јавниот сервис не смее да се претвори во инструмент на власта“, заклучуваат од Демократската унија за интеграција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

