21 јули 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во своето најново гостување во поткаст истакна дека прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав треба да се третира исклучиво како внатрешно, македонско прашање, кое државата треба да го реши заради самата себе, а не поради надворешни диктати.
Говорејќи за македонската историја и односите со соседна Бугарија, Георгиевски децидно порача дека уставните измени не треба да се доживуваат како отстапка кон некого.
„Кога зборувам за влезот на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, тоа го зборувам единствено како македонско прашање. Ние тоа треба да го направиме за себе, не за некој друг. Не заради францускиот предлог, не заради тоа што го бара Бугарија, туку треба да го направиме заради самите себе“, потенцираше Георгиевски во поткастот.
Објаснувајќи го својот став, тој се осврна на историскиот континуитет на македонската државност, поврзувајќи го овој чекор со традиционалниот концепт на мултиетничност и отвореност на државата. Тој потсети дека идејата за Македонија како дом на повеќе етнички заедници не е нова, туку е врежана во самите темели на државата.
„Тоа е концептот на Македонија. Тој концепт бил од времето на Илинденското востание, се повторува во времето на АСНОМ, и конечно се отвора уште еднаш со Охридскиот рамковен договор“, додаде Георгиевски.
Според него, суштината на македонската држава отсекогаш била големата отвореност кон сите етнички заедници, односно кон сите „делови од народи“ кои живеат на територијата на државата, што е во целосна согласност со духот на новиот Устав.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

